Admen

ЕЛЕНА БОЖИНОВА, ГРАФИЧКИ ДИЗАЈНЕР, „ИДЕА ПЛУС“: Сакам едноставни, јасни минималистички решенија

01 мар 2018

Наобразувана е од индустриски дизајн и дизајн на ентериери за комерцијални простори до графички дизајн. Затоа според неа, не постои цврста граница меѓу архитектурата, ентериерите, веб и графичкиот дизајн. Сè се тоа комплементарни сфери, кои во нејзиниот случај - пулсот на едната се рефлектира врз пулсот на другата. Елена Божинова повеќе од пет години работи како графички дизајнер во „Идеа Плус“, а нејзините визуелни дела се резултат на тимска работа.

Пишува: Ивана Тасев
Фото: Приватна архива

Интересно е што завршивте индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје, магистриравте дизајн на ентериери за комерцијални простори во Барселона, а денес работите графички дизајн во маркетинг агенција. Зошто ваков потег?

- Интересот кон адвертајзинг, односно графичкиот дизајн ми се разви токму додека студирав во Барселона. Студирав Дизајн на ентериери на комерцијални простори, кој директно се врзува со маркетингот и графичкиот дизајн. Буквално одат рака под рака. Кога размислуваш за некој простор како на „sales point“, мораш да размислуваш и за брендингот на истиот, како тој го комплементира брендот кој го претставува и дали ја пренесува пораката зад која стои тој бренд.

Не постои конкретна граница помеѓу различните сфери на дизајнот, дали било тоа архитектура, ентериери, графички, веб-дизајн... Не можеш да работиш сѐ, но битно е да имаш познавање од различни сфери и да ги следиш трендовите, бидејќи најчесто проектите на кои работиме не се само едното или другото. Воедно, колку повеќе следиш толку повеќе можеш да допринесеш за проектот.

Сепак, пред да се вработите во „Идеа Плус“, работевте во архитектонско студио, па имате искуство да ги компарирате предизвиците. Што го врзува дизајнот на ентериери и дизајнот за агенциски потреби и што е она што ги разделува?

- Денес, маркетингот е област која опфаќа многу повеќе од она што било некогаш. Често се случува во агенција да се работат проекти директно поврзани со дизајн на ентериери и архитектура, како уредување и брендирање на канцеларии, дизајн на промо штандови и изложбени простори, па сѐ до едукативни центри. Тука би го издвоила Едукативниот центар „Матка“ кој се наоѓа во старата Хидроцентрала на ЕВН на Езерото Матка. Ова беше проект на кој паралелно работеа стручњаци од повеќе сфери како архитектура, PR, продукција, маркетинг... и резултатот е феноменален. Срдечно препорачувам да го посетите.

Во „Идеа плус“ сте повеќе од пет години. Претпоставувам дека агенцијата има потреба од вас буквално за секој клиент. Без вас не може да се сработи ниту еден настан или кампања. Се стигнува ли сè на време?

- Знаете како викаат, без секого се може, но и сите се потребни. Работата тука е тимска. Еднакво е потребен секој член за да се направи една целосна кампања. Секој од нас во „Идеа+“ e подобар во нешто од останатите, и работата ја делиме според тоа, а не по клиент или кампања.

Често и се случува сите да работиме на иста кампања кога има потреба. И тоа е токму она што ми се допаѓа овде, кога работиш за различни клиенти и за различни кампањи учиш многу повеќе. И да, кога повеќе луѓе се вклучени во процесот и кога истиот е добро организиран нема никаков проблем работата да се заврши квалитетно и на време.

Со кои сектори сте во непосредна комуникација околу договарањето како ќе биде графички дизајнирана одредена кампања?

- Дизајнот и визуелизацијата на одредена кампања најчесто се решава во креативниот сектор, а тука се креативниот директор, арт директорот, копирајтерите и дизајнерите. Но во никој случај не се исклучени и останатите колеги од другите сектори. Добра идеја може да дојде од каде било и од кого било.

Потребно ви е конзилијарно мислење или најчесто вие сте таа која дава идеи како ќе изгледа визулениот дел?

- Најчесто визуелизацијата на одредена идеја почнува во секторот дизајн. Знаете, на одреден дизајн му е потребно време, како што би рекле ние, да одлежи, да го преспиеш. Па кога ќе го видиш после некој ден ќе му ги најдеш недостатоците. Лошата страна во оваа професија е што времето е луксуз, а добрата - тимот. Па оние проекти кои се за вчера, а ги има многу, потребно е да се погледнат со други очи (во буквална смисла) и да се искоментираат тимски.

Секоја конструктивна критика е позитивна, доколку истата допринесе за одредено решение да се подобри. Горда сум на оние проекти кои, и после долг период, кога ќе ги видам сѐ уште ми се допаѓаат и не би менувала ништо, совршени се онакви како што се.

На какви се проекти досега сте работеле, дизајни на кои сте особено горда дека вие ги потпишувате?

- На секакви! Долг е списокот, но дел од она на што сум горда го гледате на фотографиите во прилог.

Кои искуства ги имате запаметено?

- Тешко е да издвојам искуства кога ги има толку многу. Самата работа тука е едно незаменливо искуство. Кога работиш во агенција е како истовремено да работиш во сите компании кои ти се клиенти.

За визуелно да пренесеш одредена тема треба да го познаваш клиентот и неговата дејност исто толку добро колку што се познаваш себеси

Никогаш не ти е досадно, учиш многу, учиш кое вино на која температура се служи, како се произведува струјата, кога била првата еликтрификација на Македонија, како е „Добар ден“ на знаковен јазик, колку е висока една ветерница и многу повеќе. За визуелно да пренесеш одредена тема треба да го познаваш клиентот и неговата дејност исто толку добро колку што се познаваш себеси.

Ви се случува ли клиентот откако ќе го види финалниот продукт да најде забелешки, па да морате да го модифицирате дизајнот?

- Тоа се случува во сите области, па така и во дизајнот. Не секој човек ја има способноста да си замисли како нешто би изгледало вака или онака, па честопати се случува да побараат корекции на дизајнот или сосема нови предлози за да можат да направат споредба. Тоа е еден процес на погоре-подолу, полево-подесно, побело-поцрно, за најчесто на крај да се вратиме на она што било првично предложено.

Во постојана комуникација сте со арт и креативниот директор и со луѓето од акаунт секторот. Можете ли во пишан збор да го доловите тој креативен процес при создавање на одредена визуелна идеја, која вие потоа треба да ја егзекутирате?

- Во постојана комуникација сме сите сектори меѓусебно, но ако треба да се стави на хартија како изгледа процесот на работа тоа би било вака: Акаунтот е оној кој комуницира со клиентот и ги пренесува сите барања до креативниот сектор. Тука, во комуникација со останатите сектори, почнува процесот на креирање, развивање на идеи и решенија кои подоцна се враќаат назад кај акаунтот, кој има за задача да го презентира тоа решение пред клиентот, и доколку истото се одобри преоѓа во продукција.

Адвертајзингот е за широката маса конзументи, сакам кога дизајнот јасно раскажува приказна, а не кога треба да се собереме петорица и да анализираме што сакал да каже писателот. Луѓето немаат време за тоа

Но не секогаш редоследот е таков и не секогаш креативците се тие кои ќе ја дадат најдобрата идеја. Честопати се случува добра идеја да дојде и од друг сектор, па да се склопи решение и истото да му се предложи на клиентот без претходно да има барање за тоа.

Каков тип на дизајн ви го дразни и поттикнува авторскиот креативизам?

- Има една изрека по која се водам: „Дизајнерот знае дека постигнал совршенство, не кога нема веќе што да додаде, туку кога нема веќе што да одземе“.
Ми се допаѓаат едноставни и јасни решенија, би рекла минимализам. Но, оној минимализам кој е разбирлив од прва... евентуално од втора. Адвертајзингот е за широката маса конзументи, сакам кога дизајнот јасно раскажува приказна, а не кога треба да се собереме петорица и да анализираме што сакал да каже писателот. Луѓето немаат време за тоа.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме