Admen

КЕН ВАЈНЕР, „ГУМГУМ“: Брендовите допрва го откриваат аугментативниот маркетинг (видео)

07 мар 2018

Детекција на визуелните содржини, на просторот, потрага по позиции на кои може да се прикажат нови виртуелни пораки и визуелизации е една од насоките кон кои ќе се развива модерниот маркетинг.

Според Кен Вајнер, претставник на американската компанија за обработка на визуелни содржини „Гумгум“, детекцијата на фотографиите и текстовите што се појавуваат во онлајн просторот, им отвора можност на брендовите да ги упатат своите рекламни содржини, точно кон корисниците што се интересираат за одреден производ, продукт или услуга.

Со Вајнер имавме кус разговор на Конгресот за мобилна технологија што минатата недела се одржа во Барселона. Вајнер одржа и презентација за т.н. Аугментативен (проширен) маркетинг.

Во својата презентација, тој објасни што работи компанијата „Гумгум“ од којашто доаѓа. Според кажаното, таа компанија ги анализира содржините што се појавуваат на интернет, така што добива валидни информации за тоа што е популарно каако на интенрет страниците, така и на социјалните мрежи.

Врз основа на тие податоци, рекламите од клиентите се упатуваат кон соодветните корисници. На тој начин, нема загуба во пласирањето на рекламните содржини. Но, тоа што е поразлично од обичното рекламирање е што визуелните решенија што се нудат веќе завлегуваат во полето на т.н. аугментативна, проширена реалност.

Тоа што го очекувам од брендовите, кога се работи за користење на технологијата, е да откријат сè што е можно да се открие во видното поле на аугментативната (проширената) реалност и да бараат интересни насоки за да ги вметнат рекламните пораки

Според Вајнер, брендовите допрва почнуваат да ја откриваат предноста на аугментативното рекламирање. Тој смета дека значително ќе порасне видното поле во кое брендовите ќе ги пласираат своите рекламни содржини.

- Тоа што го очекувам од брендовите, кога се работи за користење на технологијата, е да откријат сè што е можно да се открие во видното поле на аугментативната (проширената) реалност и да бараат интересни насоки за да ги вметнат рекламните пораки, како дел од нивното искуство – вели Вајнер за „AdToDate.mk“.

Тој укажува дека т.н. празен простор на екранот од некој концерт, спортски натпревар, репортажа е местото каде ќе можат да се вметнуваат овој вид рекламни пораки.

- Тоа, како што реков на предавањето, може да биде потрага по т.н. негативен, празен простор или позадина на екранот. Додека се емитува нешто друго, брендовите да вметнат своја содржина. Тука можат да вметнат виртуелен знак или целосно да ја променат содржината на билбордот или, пак, да креираат сцени врз постоечката содржина, што ќе води кон нивниот продукт или бренд – истакнува Вајнер.

Во однос на цената на чинење на аугментативниот маркетинг, Вајнер вели дека таа ќе зависи претежно од имагинацијата на креаторите на проширената реалност.

- Со оглед дека се работи за техничка платформа, би требало да се намали цената на рекламирање. Но, трошоците ќе бидат во креативниот дел, каде постојат неогранинеч број можности за начинот на кој визуелно ќе се пренесе некоја од пораките. Некогаш ќе треба да се работат и по неколку верзии од една иста креатива, за таа да може да биде користена во различни 3Д позиции или да има различни резолуции. Претпоставките се дека трошоците ќе бидат околу креативната работа повеќе, отколку во техничкиот дел – вели Вајнер.

Според претставникот на компанијата „Гумгум“, аугментативната реалност е поле во кое лесно можат да играат и помалите агенции и брендови, што работат со помали буџети.

Поради едноставноста на платфомите и технолошките достигнувања, користењето на аугментативната реалност ќе биде застапено како кај поголемите, така и кај помалите компании

- Верувам дека ќе биде достапно за реализација кај различни компании, и кај поголемите и кај помалите. Поголемите можеби се во предност зашто од старт имаат буџети да ги направат првите чекори кон тоа рекламирање. Но, верувам дека, поради едноставноста на платфомите и технолошките достигнувања, користењето на аугментативната реалност ќе биде застапено како кај поголемите, така и кај помалите компании – заклучува Вајнер.

На Конгресот во Барселона Вајнер одржа мало предавање на тема „Што треба да знаете: Аугментативно рекламирање“. Во рамките на предавањето тој ја претстави компанијата „Гумгум“ (gumgum) за којашто работи.

Како што објасни, тие изработуваат софтверски решенија на кои главната функција им е да вршат визуелно пребарување на интернет просторот, како и на социјалните мрежи. При пребарувањето ги селектираат содржините што се од интерес на нивните клиенти и потоа кон нив ги водат потенцијалните корисници и потрошувачи.

GumGum Visual Intelligence from GumGum on Vimeo.

 

Во продолжение погледнете дел од презентацијата на Кен Вајнер, што се одржа во рамките на Светскиот конгрес за мобилна технологија во Барселона.

 

(Текст/фото/видео: Тоше Огњанов/AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме