Admen

ВРАЌАЊЕ КОН КОРЕНИТЕ: Каква е врската меѓу легендарните Лајбах и иднината на маркетингот

21 мар 2018

Речиси и да нема некој што не чул за легендарниот словенечки бенд „Лајбах“. Бендот што создаде нови културни и општествени погледи, на 27 овој месец ќе има концерт во Скопје во рамките на турнејата „Така говореше Заратустра“.

Сепак, тоа што е битно за овој бенд е што со своите постапки прави исчекор и урнек за насоката кон која треба да се движи и маркетингот во иднина. Така барем вели Лења Фарагуна од Словенија, интернационално позната како предавач во полето на маркетингот и покренувач на стратегијата „мarCAREting“ во огласувачката индустрија.

Според Фарагуна, исклучително значајно е тоа што големиот бенд, во рамките на европската турнеја, во Марибор на 27 април ќе настапи во мал кино-театар, иако е јасно дека Лајбах може да наполни многу поголем концертен простор.

Словенечката маркетинг-едукаторка истакнува дека овој потег на Лајбах ја покажува грижата што тие ја имаат кон нивните слушатели, односно се трудат да воспостават близок, човек со човек, однос со публиката.

- Тие доаѓаат да настапат во мал театар, во кој јас одев како дете. Во тоа всушност лежи и иднината на модерниот маркетинг и на брендингот. Тоа е враќањето кон нивните корени. Ако сакаат да останат големи на пиедесталот, треба сите да се вратат на односот еден на еден, човек со човек - вели Фарагуна во кусото аудио обраќање преку нејзиниот профил на „Фејсбук“ што го следат над 3.000 луѓе.

Фарагуна додава дека односот „Human to Human“ е клучен за иднината на маркетингот, односно дека е неопходно брендовите да им се обраќаат директно на своите потрошувачи и со нив да воспостават исклучително близок однос.

Не дека Лајбах не можат да си дозволат голема арена, туку тие сакаат да воспостават близок однос со публиката, да ги гледаат луѓето и да се поврзат со нив. Тоа е иднината на маркетингот, однос еден на еден „Human to Human“ - вели Фарагуна.

Познатата словенечка маркетинг-едукаторка смета дека тоа што недостасува во денешната индустрија на комуникациите и огласувањето е што се заборава на поврзувањето со луѓето. Фарагуна ги советува брендовите да покажат дека во фокусот им е човекот.

-  Не заборавајте на вашите Фејсбук-страници, да кажете кои сте. Одговорете им на луѓето, еден на еден. Кажете им благодарам, покажете дека од другата страна стои човек. Дајте им се самите себе на луѓето. Тоа е идинината кон која ќе се движат маркетингот и брендирањето. Следете го тој пат за да останете големи во полето во кое играте - нагласува Фарагуна во кусото аудио обраќање до нејзините фанови на социјалните мрежи.

(AdToDate.mk/Тоше Огњанов)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме