Admen

ЈОРДАН МИНОВ: Наместо модерен и развиен, ПР-от во Македонија на ниво на евтина куќа за проституирање

29 мај 2018

Бурлеска што треба да се смести во комична литература од Балканот, се зборовите со кои Јордан Минов, две децении присутен во ПР-секторот во Македонија, ја оценува прославата со чочек во тунел при неодамнешното отворање на новиот автопат кај Демир Капија.

Минов во ПР индустријата е од 1997 година, беше на чело на првата Агенција за односи со јавноста во Македонија, а денес, веќе петта година, е регионален директор на групацијата APRA Porter Novelli Balkans Communication Group, којашто работи на балканскиот пазар.

Во разговор за „AdToDate.mk“, Минов дава своја оценка за состојбите во секторот што се занимава со односи со јавноста, истакнувајќи дека во голема мера комуникацијата со јавноста е претворена во пропагадна, со дискутабилно ниво на професионализам.

***

АТД: Скоро две децении сте дел од ПР-секторот во Македонија. Колкаво е нивото на професионалност денес како кај агенциите, така и кај клиентите, за разлика од пред 10-15 години?

- Живееме во многу динамично време и факт е дека ПР-от како алатка низ годините стана исклучително популарен и експлоатиран. Но, сметам дека употребата, односно имплементацијата во голема мера се дисторзирани, злоупотребени. Истото може да се каже и за планирањето и креирањето концепти и содржини.

Така да, прашањето за професионализмот треба да се постави малку подлабоко, навлегувајќи во јадрото на оваа услуга со дилемата: како и кога ќе се оттргнеме од пропагандата.

АТД: Колку и како приватниот сектор во Македонија, ја разбира улогата на ПР-от за подобрување на сопствената позиција на пазарот? Впечатокот е дека повеќето од компаниите сè уште не се поместуваат од позицијата на себе-фалбаџиство?

- Ако добро се сеќавам, пред повеќе од десет години, во иста ваква прилика ја кажав тезата дека е многу лошо кога компаниите комуницираат со молчење. Сè уште е евидентен таков тренд.

Улогата на ПР-от е разбрана, да. Меѓутоа, тука се јавува дилемата - во каква форма и во каков облик се користи Комуницирањето со јавноста. Или, поконкретно, со каква цел.

Во практицирањето има примери каде реализацијата е извртена во однос на вистинскиот избор на алатки и методи со кои треба да се допрат и да бидат информираат целните групи (јавноста)

За да биде појасно, со чест на исклучоци, во практицирањето има примери каде реализацијата е извртена во однос на вистинскиот избор на алатки и методи со кои треба да се допрат и да бидат информираат целните групи (јавноста). И тука, повторно би требало да разговараме за пропагандата која се користи како метод, отколку со себе фалењето.

АТД: Каде е местото на нашите медиуми во таа ПР приказна? Во што е претворен односот меѓу медиумите и компаниите кога станува збор за содржини од доменот на односи со јавноста?

- Тоа е една посебна приказна. Сѐ почна кога се воведе услугата „ПР текст“. Ние, кои требаше да имаме улога на „хранители“ на колегите новинари со точни, прецизни и навремени факти и информации и да бидеме оската на поврзување помеѓу нашите клиенти и медиумите, дозволивме комуникацијата да се случува преку платен медиумски простор.

Од друга страна, поради сплет на различни причини и околности започна мешање и преземање на улогите во тоа, кој за што е задолжен на трасата од изворот на информацијата до јавноста.

Симболички ако дозволите, денешната состојба и нивото на ПР-от во Македонија може да се отслика како евтина куќа за проституирање, наместо да имаме убаво развиена и модерна индустрија

Како резултат на сето ова, симболички ако дозволите, денешната состојба и нивото на ПР-от во Македонија може да се отслика како евтина куќа за проституирање, наместо да имаме убаво развиена и модерна индустрија.

АТД: Како со ПР-от, пак, се снаоѓа јавниот сектор, односно државни институции, културни установи, спортски клубови? Се посветува ли доволно внимание за и тој сектор соодветно и професионално да го претстави во јавноста своето работење?

- Евидентни се напорите и силата кои се инвестираат во подигнувањето на свеста за потребата од користење ПР алатки, особено во јавниот сектор. И сите ние, како ПР професионалци, треба да учествуваме поинтензивно во тој процес. Односно, преку синергија и взаемна работа на едукативно и практично ниво треба да се поддржат единиците на општеството што имаат потреба од систематизирана и континуирана комуникација со јавноста.

Тука пред сѐ мислам на здружување во ПР Асоцијација (што Македонија ја нема) каде без стегите на комерцијалното и процедурите за тендерирање ќе го подигнеме нивото на суштинска соработка и размена на потребното „know how“.

Секако, трендот како и нивото на транспарентност се во нагорна линија, без ограничување и дозирање на информациите. Барем во овој период тоа е забележително и се „чита“.

АТД: Поранешен премиер, „случајно“ беше снимен како вози велосипед покрај Вардар и слуша техно, а актуелниот, пак, при официјална посета во затвор, се поздрави со човек осуден за смртта на Мартин Нешковски. За првиот случај јавноста тогаш се смееше, а за вториот дојдоа остри критики. Што зборува ова за начинот на работа на владините ПР служби?

- Во нашиот занает нема ништо случајно. И тогаш кога навидум сѐ изгледа спонтано и неформално, има сценарио, план и организација. И точно тоа е нашата работа. Посветено и со силен фокус да работиме и внимаваме планираното да мине без грешка.

Покрај организационата способност за реализација, многу важна е суштината на чекорот што се планира, поточно дали идејата соодветствува на сите услови и во крајна сметка – со каква цел и намера се планираат нештата. Секако, и дали пораката ќе допре до јавноста на вистинскиот начин.

И тоа се параметрите преку кои се мери и гледа умешноста на секој ПР кадар.

Секогаш мора да се земе предвид дека Јавноста е многу прецизна лупа на случувањата и строг критичар, па така, цената од несоодветно изработениот концепт и трапавата реализација се плаќа директно, со нарушен углед, намалена репутација

Премиерот во овој посочен пример е само субјект кој е дел од еден протокол и изработен план. Грешката, без исклучок, треба да се бара во тимот што го подготвува и реализира проектот.

И да не заборавиме – секогаш мора да се земе предвид дека Јавноста е многу прецизна лупа на случувањата и строг критичар, па така, цената од несоодветно изработениот концепт и трапавата реализација се плаќа директно, со нарушен углед, намалена репутација и сл.

АТД: Неодамна имавме и ситуација кога при отворање нов автопат се играше чочек во тунел. Јавноста веднаш нападна со лавина од потсмевања. Каде во учебници за ПР би го сместиле тој случај?

- Бурлеска. Овој пример треба да се смести во комична литература, со потекло од Балканите. Во високо развиените пазари постојат протоколи според кои функционираат тамошните системи. Тука, кај нас, правилата на игра се само лист хартија.

Сè ќе беше во ред доколку веселбата, ората и чочеците беа изведени во приватен формат, на приватна локација. Вака, и покрај тоа што компанијата си платила за организацијата на настанот, неумесно е да се покажуваат надвор од сите протоколи личното задоволство и изливот на емоции

Ја разбирам еуфоријата и среќата на протагонистите на овој настан. И сè ќе беше во ред доколку веселбата, ората и чочеците беа изведени во приватен формат, на приватна локација. Вака, и покрај тоа што компанијата си платила за организацијата на настанот, неумесно е да се покажуваат надвор од сите протоколи личното задоволство и изливот на емоции.

АТД: Во Хрватска кон крајот на минатата година беше донесена владина одлука со која на државните институции им се дозволи да ангажираат приватни агенции за односи со јавност? Каков би бил ефектот од една таква одлука и кај нас? Дали тоа би значело и дека еден функционер ќе може сам да си бира фирма за соработка, и колкава е опасноста тоа да се претвори во пропаганда за таа личност?

- Носењето на ваква одлука ќе има огромен ефект. Меѓутоа, како што наведов погоре, неопходно е да се застане на една платформа која води во ист правец.

За таква иницијатива најнапред, потребно е повеќе структури и субјекти да направат сериозна подготовка на делумно затруеното општество со пропаганда, да се подигне свеста за значењето на комуницирањето од и со јавноста, да продолжи трендот на вистинскиот развој на медиумите, како и да научиме дека тоа што го градиме и создаваме како репутација останува забележано, засекогаш.

Околу прашањето за изборот на фирма/лице за соработка сметам дека личниот пристап е единствениот начин за точно и ефикасно работење. Како во примерот кај адвокатите.

Овие процеси треба да се случат откако ќе се подигне свеста за потребата и начинот на употребата на ПР-от и најважно – кога ќе ни стане јасно дека субјектот за кој работиме е репрезент на државата, а не наш пријател

Личен советник се бира лично, некој што ве познава и некого на кого безрезервно му верувате. Секако, овие процеси треба да се случат откако ќе се подигне свеста за потребата и начинот на употребата на ПР-от и најважно – кога ќе ни стане јасно дека субјектот за кој работиме е репрезент на државата, а не наш пријател.

Сигурен сум дека сите ние кои сме директно одговорни за креирање на сликата во јавноста треба да дадеме придонес кон тој стратешки чекор на европскиот пат.

Како за почеток, предлагам да се размислува во правец на конверзија на буквалниот превод Public Relation = Односи со Јавност во еден посоодветен: КОМУНИКАЦИЈА СО ЈАВНОСТА

Еве, како за почеток, предлагам да се размислува во правец на конверзија на буквалниот превод Public Relation = Односи со Јавност во еден посоодветен: КОМУНИКАЦИЈА СО ЈАВНОСТА.

АТД: Во неколку наврати спомнавте пропаганда, наместо ПР, односно комуникации со јавноста. Дали тоа значи дека комуникацијата со јавноста кај нас е претворена во пропаганда, често нахранета и со политички интереси? Има ли излез од таквата состојба?

- Таква е атмосферата. А за промена на условите се потребни воља, желба и секако, посветена работа.

Да, има излез. Длабоко сум убеден дека нештата во овој прекрасен занает може да се трансформираат во посакуваната насока и конечно да тргнеме напред со прифаќање на светските и европските практики и примери каде што Комуницирањето со јавноста е вообичаена и секојдневна работа.

АТД: Македонија е мал пазар, а го држат претежно поголемите маркетинг и ПР агенции. Има ли надеж за креативците што допрва сакаат да влезат претприемачки во оваа дејност?

- Нема мали и големи. Има развиени и неразвиени... и пазари и агенции. Токму затоа диференцирањето треба да се направи по умешноста, а не по големината.

Животот е perpetuum mobile и нормално, секогаш има надеж. Всушност, како и кај секој друг претприемачки чекор, тој што сака, има желба и идеја да започне сопствен бизнис – ја има таа можност. Искрено верувам дека секој од нас е подготвен, несебично, да ги отвори вратите и да даде шанса на сите што се заинтересирани професионално да се занимаваат со ПР.

(Текст и фото: Тоше Огњанов / AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме