Admen

ДЕЈАН ХАНЏИСКИ, СЕНИОР АРТ ДИРЕКТОР: Добивањето Кански лав значи дека си научил да отфрлаш лоши идеи

04 јул 2018

Кампањата „Запамети ме“ (Remember me) посветена на лицата што страдаат од Алцхајмерова болест годинава го привлече вниманието на жирито во Кан и освои две значајни признанија, Сребрен и Бронзен лав. Токму во тимот што го изработи тој проект се наоѓа и еден Македонец, Дејан Ханџиски.

Кампањата е на агенцијата „BBDO Group Germany - Düsseldorf“, а во која Ханџиски е Senior Art Director. Таму е веќе една година и вели дека е исклучително задоволен од тимот со кој работи и ги доби признанијата за кампањата што ја крева свеста за борбата против тешката болест.

Со Ханџиски разговаравме за Канските лавови, за кампањата, за предизвиците со кои се соочил и се соочува во текот на кариерата. Дванаесет години работел во Македонија, а во агенцијата во Дизелдорф е веќе една година. Патот до таму не му бил лесен, но резултатите од вложениот труд бргу се појавија и тоа отсликани токму во првите освоени кански лавови.

***

АТД: Два „лава“, сребрен и бронзен, освои вашиот тим на фестивалот во Кан, при силна конкуренција. Верувам дека секое признание е посакувано, но што вам лично ви значат тие „лавови“?

- Интересно е дека се радувам на награда т.е за признание во поле кое во суштина работи на принцип на отфрлувања, „rejections“. Секој проект, секоја кампања е всушност само серија на селективни отфрлања. Отфрлени идеи уште пред да стигнат до уста или хартија. И тоа така тивко незнајно - во бунар. Една по една, сè додека една од нив нема да се даде.

Канскиот фестивал е направен за да отфрла идеи. И тоа го прави одлично. Отфрла многу пријавени дела. Само мал дел остануваат неотфрлени. Неотфрлени по судот на ланец од луѓе што токму тоа сакале да го направат, да ги отфрлат. Така, за мене Канскиот лав претставува признание дека си научил добро да отфрлаш. Да отфрлаш сè што не помага на идејата

Но, отфрлањето не прекинува тука бидејќи не е само отфрлање на идеи туку и отфрлање на сè што е вишок во една идеја. Сè што е дел од неа, а само и смета. Товарот. Кичот. Отфрлено. И тоа во бунар. Тоа е занаетот. Да знаеш што да отфрлаш. Да соголуваш.

Канскиот фестивал е направен за да отфрла идеи. И тоа го прави одлично. Отфрла многу пријавени дела. Само мал дел остануваат неотфрлени. Неотфрлени по судот на ланец од луѓе што токму тоа сакале да го направат, да ги отфрлат. Така, за мене Канскиот лав претставува признание дека си научил добро да отфрлаш. Да отфрлаш сè што не помага на идејата.

АТД: Признанијата се за проект посветен на лицата што страдаат од Алцхајмерова болест. Кое е значењето на тие признанија и за луѓето за кои е наменета кампањата?

- Посебно сум среќен што лавовите се однесуваат на делот што беше моја одговорност, „craft-art direction“. Заедно со мојот колега Мартино Монти, ни беше многу важно визуелно да успееме да го пренесеме немирот и чувството на беспомошност кај луѓето со Алцхајмер и кај нивните најблиски.

Оваа одвратна болест за која нема лек е сè уште недоволно проучена, а битката против неа е недоволно финансирана. Наша надеж беше овие постер-решенија да предизвикаат интерес и да привлечат внимание кај општата јавност. И ме радува дека успеавме во тоа. Сребрениот и бронзениот лав на Кан даваат уште поголем публицитет и со тоа дополнително помагаат на кампањата што мене лично многу ме радува.

Професионално, пак, освојувањето на два лава и девет „шортлисти“ е за мене значајно остварување, но и огромна одговорност за во иднина.

АТД: Работиш во Германија, во агенција во Дизелдорф. Колку е тежок/лесен патот за еден креативец од Македонија да влезе во друга средина, знаејќи колку се комплицирани процедурите?

- Не сакам да го паулокоељаме интервјуто од типот: „Ако сакаш нешто, универзумот ќе направи сѐ за да ти се оствари“, но вистината од моето искуство е дека не е воопшто лесно, но не е невозможно.

Процесот за добивање работна дозвола е долг за „нон-ЕУ“ држави, па така треба да најдете агенција што е доволно заинтересирана за вас за да го исчека тоа. Па затоа покрај портфолио и посветеност, си бара и среќа, и тврдоглава упорност и подготвеност да не се разочарувате лесно… И пак среќа.

АТД: Во што е разликата да се работи во креативната индустрија во Македонија и да се работи во странство?

- Моето искуство надвор не е предолго, ама, како што би рекле моите С.А.Ф: „Разликата е бог и шеширџија“. Да објаснам. Впечатоците мои се дека овде моето мислење, мојата експертиза и моето време се вреднуваат како од агенцијата така и од клиентот.

Бизнисот е стресен и со многу предизвици, како кај нас така и тука, но со добро менаџирање на проектите, тие стресови и предизвици, забележувам дека можат успешно да се контролираат или барем да се предвидат. Особено ако имате јасно дефинирани рокови и отворена директна соработка со клиенти што ви веруваат. Другото е горе-доле исто.

АТД: На фестивалот во Кан само еден проект од балканскиот простор успеа да се закити со „Лавови“. Кое е твоето мислење, дали креативноста од овие простори потфрлила годинава?

- Апсолутно не. Бесмислено е да се зема Кан за апсолутен репер за креативноста на нашите простори.

АТД: Наградениот проект поттикнува општествена одговорност и социјална посветеност. Кога е поттикот за креирање поголем, кога работите на некоја т.н. општествено-одговорна кампања или кога сте вклучени во комерцијална кампања?

- Секој бриф е различен, но пристапот е секогаш ист. Јас влегувам со истата енергија во секој проект секогаш. Без разлика на клиентот, буџетот или карактерот на кампањата (комерцијална, хуманитарна). Не постои друг начин.

АТД: Генерално и на Канскиот фестивал со признанија се закитија проекти што поттикнуваат општествена и социјална свест кон маргинализираните групи, кон природата, кон проблемите. Дали е тоа насоката кон која во иднина ќе се фокусираат и брендовите и агенциите, да креираат кампањи посветени на општо добро?

- Мислам дека постои еден вид освестување кај луѓето во бизнисот дека компаниите мора да бидат општествено одговорни.

Онаму каде државата потфрла во однос на екологијата, инклузијата на маргинализираните и сл., приватниот сектор може, мора и до некаде пробува да надополни. Тоа е видливо и во кампањите.

Но, доколку се само кампањи, а не вистинска општествена одговорност, тоа лесно се препознава и разобличува. Затоа овие кампањи мора да бидат искрени во с’ржта, зашто во спротивно ефектот е секогаш обратен и може скапо да чини.

АТД: Постигнавте успех, освоени се два лавови од Кан. Што е следно? Нов проект со слична тематика, нова агенција, продолжување на кариерата во друга земја?

- Во разговор со колегите од „Saatchi Saatchi“ – Њујорк, кои годинава буквално потопија сѐ со нивната генијална „It’s a Tide ad“ кампања, на шала им реков дека ужасно се зезнаа самите себе бидејќи освоија и Гранд при и Титаниумски лав и Златен лав. Немаат шанси за напредок понатаму. „Rookie mistake“. Хахаха. Шала.

Не ја отфрлам можноста да се вратам, но не верувам дека тоа што сум во друга земја ме спречува во истото. Отворен сум за секаква соработка особено доколку тоа би придонело за каква било помош на новите млади кадри во бизнисов

За плановите ќе се повикам на Вуди Ален: „If you want to make God laugh, tell him about your plans“.

АТД: Би се вратиле ли во Македонија да придонесете со своите знаења и вештини за дополнителен развој на овдешната креативна индустрија?

- Секогаш сакам да помогам во развојот на индустријата кај нас. Се разбира дека не ја отфрлам можноста да се вратам, но не верувам дека тоа што сум во друга земја ме спречува во истото. Отворен сум за секаква соработка особено доколку тоа би придонело за каква било помош на новите млади кадри во бизнисов.

(AdToDate.mk/Текст: Тоше Огњанов)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме