Campaigns

ТРАМП СИ ДАДЕ ОСТАВКА: Објавен лажен „Вашингтон пост“ во кампања на либерални активисти

16 јан 2019

Трамп замина од Белата куќа, кризата заврши. Тоа е главната вест на насловната страница на весникот „Вашингтон пост“ што деновиве беше „дистрибуиран“ низ главниот град на САД и создаде забуна кај американските граѓани.

Сепак, не се работи за вистинскиот „Вашингтон пост“, иако насловната страница, графичкиот стил, форматот, фотографиите се автентични на оригиналот.

Главната вест е датирана на 1 мај 2019 година, а во неа се вели дека Доналд Трамп, поради големиот притисок од женските движења, одлучил да ја напушти позицијата.

Лажното издание на весникот е дело на либералните активисти од групата „Yes Men“ кои се спротивставуваат на политиките на американскиот претседател.

Примероците им беа споделувани на минувачите пред Белата куќа, како и на железничката станица во Вашингтон.

Според објаснувањето на активистите, тоа што го објавува нивниот весник е визија, а не лажна вест.

Овој весник е визија за иднината што многумина би сакале да се оствари“, вели Л.А. Кауфман, активистка од „Yes Men“ во изјава за „Њујорк тајмс“.

Многумина потегот на групацијата го оценија како контра-тактика кон постојаните тврдења на Трамп дека либералните и опозициските медиуми објавуваат лажни вести.

Активистите својот проект го финансирале преку апликацијата „GoFundMe“, при што собрале 36.000 долари. Биле испечатени 25.000 примероци од лажниот „Вашингтон пост“ и освен во главниот град, биле дистрибуирани и низ Њујорк и Лос Анџелес.

Сепак, на уредништвото на вистинскиот „Вашингтон пост“ не му се допадна кампањата. Од весникот излегоа со предупредување дека се објавени лажни изданија и ги предупредија читателите да не наседнуваат на бомбастичните вести.

Засега нема најави дали „Вашингтон пост“ ќе покрене правна постапка против активистите, кои, пак, се убедени дека вистинскиот весник „би се гордеел со нивната акција“.

(AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме