Digital

СЕ СНИМААТ КАКО ЧИСТАТ И ЗАРАБОТУВААТ: Кои се најголемите трендови на „Јутјуб“ пролетва (видео)

04 јун 2018

Живот во кампер возило, брзо чистење низ дома и снимки од имитирање други луѓе се најпопуларни трендови на „Јутјуб“ пролетва. Јутјуберите што прават снимки од себе како патуваат во кампер возила, како го средуваат својот или нечиј туѓ дом, како и оние што се обидуваат да ги имитираат познатите јутјубери што покажуваат вештини за шминкање, за кусо време станаа исклучително популарни.

Нивните видеа во текот на минатиот месец достигнаа милионска гледаност.

Според анализа на магазинот „Adweek“ огласувачите треба да ги земат во предвид новите трендови, доколку сакаат нивните реклами да се појавуваат на популарните видеа.

„Van life“, „Van living“, „Life in a van“, „Living in a van“ се само дел од големиот број „Јутјуб“ канали коишто годинава регистрирале исклучително голем број нови фанови. Според податоците на „Adweek“, постојат околу 1.200 канали што во своето име содржат зборови како „Van life“ или „Van living“.

Креаторите на тие видеа најчесто се млади парови од т.н. милениумска генерација. Тие се или сами, или со некое од своите миленичиња, а во некои случаи и со мали деца. Со капмер-возилото тие патуваат, но и ги извршуваат своите секојдневни обврски, како одење на работа, во продавница, социјален живот. Притоа,доста често и во живо го снимаат својот живот во тие возила.

Освен од кампер-возила, голем дел од снимките се од минијатурни домови, во кои паровите прикажуваат како во мал простор успеваат да го организираат целиот свој живот. Така, меѓу најпопуларните „Van life“ канали е „Exploring Alternatives“,којшто има 448.000 регистрирани фанови и во којшто на прво место доаѓа минималистичкиот пристап кон материјалните трошоци.

Објаснувањето за популарноста на овие видеа е во тоа дека милениумците се фокусираат повеќе на искуство, отколку на поседување на нештата. Од тие причини, многу повеќе штедат на материјалниот простор во кој живеат, а за сметка на тоа искусуваат повеќе од светот околу себе.

Го пробав ова - грешките се многу позабавни од перфекцијата

Солидна популарност пролетва имаат и видеата „I tried following _ makeup tutorial“. Се работи за видеа во кои млади јутјубери се обидуваат да имитираат други јутјубери, односно девојки што покажуваат големи вештини при шминкање.

Популарноста кај овие видеа е во несовршеноста и во грешките што ги прават оние што сакаат да ги имитираат другите. Според анализата на „Adweek“ многу позабавно е да се гледаат нечии грешки, отколку сè да биде перфектно прикажано.

Интересно е што вториве видеа, во кои имитирачот прави грешки и шеги на сметка на совршената шминка, се многу повеќе гледани од оригиналните видеа.

Брзо чистење низ дома - луѓето гледаат како маѓепсани

Сепак, се чини најголема популарност има кај видеата во кои девојки ги чистат своите домови и притоа се снимаат. Но, не се работи за какви било снимки, туку за т.н. „Speed cleaning“, коишто генерираат сè повеќе прегледи.

„Clean With Me“, „Spring cleaning“, „Speed cleaning“, „Cleaning motivation“, се дел од насловите под кои можат да се најдат каналите со оваа популарна содржина.

Сценариото речиси во секое од нив е исто. Главни ликови се претежно девојки коишто ги чистат домовите во кои живеат, нивните тоалети, возила, ги средуваат ормарите, кујните, па дури и куќарќите на домашните кучиња.

Според податоците на магазинот „Adweek“ само во последните четири месеци, имало повеќе од 5.600 аплоадирања на видеа со чистење низ дома, при што вкупната гледаност се искачила над 212 милиони прегледи. За споредба, во текот на цела 2017 година имало околу 5.500 аплоади на видеа со тој тип содржина.

Од психолошки аспект, пак, високата гледаност на овие видеа се објаснува со тоа што имаат позитивно влијание врз гледачите, односно поттикнуваат на здрав живот и навики. Исто така, имаат и своја практична страна. Гледачите учат техники и трикови за полесно и побрзо средување на сопствените живеалишта и домови.

Според анализата, зад овие канали претежно стојат поединци, а не компании или сервиси што нудат таква услуга. Од 20 канали, само шест се јасно декларирани како дел од фирма или сервис што нуди домашни услуги. Додека е таква ситуацијата, тоа е добра вест за поединците. Нивните видеа достигнуваат милионски прегледи, а со тоа и процентот на заработка од рекламите е многу поголем.

(AdToDate.mk/Извор: Adweek)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме