Digital

ВИЗИОНЕРСКА РЕКЛАМА: Африканци го предвидоа глумењето на бразилскиот репрезентативец Нејмар (видео)

12 јул 2018

Бразилската репрезентација веќе замина од Светското фудбалско првенство, но нивниот капитен, репрезентативецот Нејмар, и натаму е мета за исмевање на социјалните мрежи. Неговото глумење повреда на дуелот со Мексико, со цел да изнуди фаул или пенал, стана инспирација за бројни видеа, мемиња, гифови во кои се критикува неговото однесување.

Но, се чини дека една рекламна агенција од Јужна Африка имала визионери во својот тим креативци. Агенцијата Ogilvy Cape Town стои зад видео-спот што беше објавен неколку недели пред да се случи фамозната „повреда“ на Нејмар и неговото тркалање по теренот.

Се работи за реклама снимена за познатиот бренд KFC, при што темата во неа е фудбалското првенство и глумењето повреда од страна на играчите. Во спотот има речиси идентична сцена, како од дуелот Бразил - Мексико.

Фудбалерот на теренот, после незначителен контакт со противничкиот играч, самиот се фрла на тревата, се тркала и витка од наводната повреда. Но, неговото тркалање не застанува таму. Тој продолжува да се превртува, излегува од теренот, се движи по тротоари, улици, мостови, за на крај да стигне до ресторанот на KFC каде болките одеднаш престануваат.

Целата приказна во рекламата е слична со бројните видеа што се појавија на социјалните мрежи, а во кои масовно се имитира лошата глума на бразилскиот репрезентативец. Но, тоа што ја прави оваа реклама особено интересна е тоа што е снимена многу порано, пред да се случи дуелот.

Очигледно симулирањето повреда на фудбалските дуели е масовна појава, и веќе може лесно да се предвиди дека некој од играчите ќе се реши на таква лоша глума.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме