Festivals

НАШИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ НА „ГОЛДЕН ДРАМ“: Дракалски и Ќорлука во жирито на фестивалот

16 окт 2017

 

Дваесет и четвртиот фестивал „Голден драм“ ќе се одржи во Љубљана од 18 до 20 октомври. Посетителите на фестивалот ќе имаат прилика да слушнат повеќе од 30 инспиративни професионалци од различни сфери на креативноста и да погледнат предлози од 38 различни земји, кои ќе се натпреваруваат за престижната награда.

Овој фестивал има долга традиција во поддршката на младите таленти и со самото тоа им отвора можност за почеток на кариера. Младите професионалци ќе имаат можност да учат од мудрите и поискусни колеги.

Најочекуваниот настан е доделувањето на наградите на „Golden Drum Grand Award Ceremony“ и забавата по доделувањето кога и ќе бидат објавени имињата на најдобрите кампањи и концепти, а тимовите кои го заслужуваат најдлабокото почитување за својата оригинална креативост сосема заслужено ќе бидат во центарот на вниманието.

Годинава во жирито се 11 престижни и респектибилни имиња од светот на адвертајзингот и тоа од Велика Британија, Полска, Украина, Романија, Хрватска, Турција, Италија, Унгарија.

Меѓу нив има и две звучни имиња од македонската сцена, Василије Ќорлука и Душан Дракалски.

- Се радувам што ќе бидам дел од едно исклучително квалитетно жири составено од врвни креативци на чело со Бруно Бартели, кој е еден од најплодните и најнаградуваните креативци во светот во последните неколку години. Секако, поканата да бидам дел од жирито претставува голема чест и искрено се радувам на сите дискусии, мислења и опсервации што ќе ги споделиме во процесот на жирирање - вели Василије Ќорлука, главен креативен директор на „Публицис Оне“ за Адриатик регионот.

Тој истакнува дека од регионот годинава се нудат трудови кои се истакнуваат по својот квалитет.

- Во однос на бројот на пријавени трудови, чинам дека постои раст оваа година, забележливо е враќањето на Русија со голем број на пријавени кампањи, а тука се секогаш „силните” Турција, Романија, Полска. Адриатик регионот, оваа година она што го пропушта во квантитет, солидно го компензира со квалитетот на пријавите - вели Ќорлука.

Дракалски, пак, кој до сега бил член на жирито на „Голден Драм“ и на други фестивали, вклучувајќи го и Канскиот, вели дека конкуренцијата годинава е „опасна“.

- Овој фестивал сам по себе има опасна конкуренција, многу земји од источниот европски блок освојуваат лавови во Кан (Cannes Lions), а со тоа ја прават уште посериозна конкуренцијта и на „Голден Драм“. За жал од Македонија нема многу работи годинава. Македонската адвертајзинг сцена има голем потенцијал, како што може да се види на фестивалите ширум светот. Можеби е само пауза во прашање - вели Дракалски.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме