Festivals

НАЈДОБРИОТ ЛОШ ПРИМЕР ЗА ОГЛАСУВАЊЕ: Што може да се научи на фестивалот „Кактус“

31 окт 2017

 

Работилници, предавања, жирирање и шанса да се чуе мислење од професионалци во адвертајзинг индустријата ќе имаат посетителите на фестивалот за интегрирани комуникации „Кактус“ што на 1 и 2 ноември (среда и четврток) ќе се одржи во Белград, Србија.

Местото каде ќе бидат лоцирани предавањата, работилниците и средбите е хотелот „Краун плаза“ во Белград, каде, според очекувањата на организаторите, ќе учествуваат околу 1.000 луѓе од областа на креативната медиумска и маркетинг индустрија. Настаните во двата дена почнуваат од 13 часот попладне.

Темата на фестивалот годинава е „Look sharp. Think sharp“. Акцентот на предавањата ќе биде насочен кон острите, паметните и различните идеи.

Честа да го отвори фестивалот годинава ја има Пол Митс, креативен дректор од познатата агенција „Дрога5“ од Њујорк, САД. Тој ќе зборува на тема „The Ripple Effect“, при што се очекува да изнесе нови видувања за последичното влијание на акциите што се преземаат од страна на огласувачките агенции.

На првиот ден со свое предавање ќе настапи и Еоин Шери, креативен директор во „Меккен“ Милано. Тој ќе зборува на тема „Comunicate 'responsibly'“.

Со интригантен наслов на своето предавање, пак, ќе биде Фолкер Врејџ, сопственик на агенцијата „Врејџ/Антворт“. Насловот на неговото предавање гласи:  „Why it is better to be good and how to deal with the 'asshole' factor“.

Вториот ден од фестивалот е резервиран за работилници. Така, според програмата фестивалскиот ден исто така ќе почне со Митс, кој ќе одржи работилница „Breaking into culture“, наменета за креативни директори.

Работилница, како што е најавено во програмата, истиот ден ќе одржи и нашиот експерт во адвертајзинг индустријата, Душан Дракалски. Тој ќе зборува на тема „Very good bad example“, а работилницата е наменета за агенции од областа на креативниот маркетинг.

На прашања поврзани со инфлуенсерите и нивното место во маркетинг индустријата ќе одговара Фолкер Врејџ. Неговата работилница ќе биде на тема „Инфлуенсер маркетинг“, а работилницата е наменета претежно за претставници од компаниите што се заинтересирани за овој тип на популаризација на нивните брендови и услуги.

Се очекува интересно предавање да одржи и Алемаш Озтурк, коосновач на „4129 Grey EMEA“ од Турција. Тој ќе држи обука на која ќе изнесе негови видувања за начинот на којшто може да се привлече вниманието на потрошувачот. „Attention marketing: How we can hack the consumer mind and get their attention“, е темата на неговото предавање.

Пристигнатите трудови на „Кактус“ годинава ќе ги оценуваат професионалци од повеќе земји. Членови на жирито од Македонија се Душан Дракалски, како претставник на австриската „Demner, Merlicek & Bergmann“, Илинка Црвенковска, креативна директорка од „Идеа плус“ и Жарко Димитриоски, креативен директор во агенцијата „Еден на еден“.

Доделувањето на наградите ќе биде на 2 ноември, од 20 часот, со што ќе биде означен крајот на годинешното издание на „Кактус“.

Целосната програма на фестивалот може да се погледне на следниот линк.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме