Festivals

ПОВТОРНО НА ЖЕШКОТО СТОЛЧЕ: Душан Дракалски ќе жирира на фестивалот Cannes Lions (видео)

21 мај 2018

Душан Дракалски, еден од најуспешните креативни директори од Македонија, кој одамна работи надвор од земјава, ќе биде член на жирито на годинешното издание на фестивалот Cannes Lions, што од 18 до 22 јуни ќе се одржи во Кан, Франција.

Како што објави регионалниот портал за маркетинг, „Media marketing“, Дракалски, кој денес работи како Chief Creative Officer за Европа, во агенцијата „Ray“ ќе биде дел од жирито за категоријата „Film craft“. Жирито брои десетина члена, а се гласа за повеќе поткатегории, односно за режија, сценарио, кастинг, музика во понудените видео содржини.

- Секогаш се трудам да бидам што е можно пообјективен и да дадам сè од себе за добар избор. Мислам дека е важно наградените трудови да ја изразуваат визија за иднината на овој бизнис - вели Дракалски во интервју за порталот „Media marketing. Дракалски пред четири години беше исто така член на едно од жиријата на фестивалот.

Како се гласа и жирира на Кан

Процедурата за гласање на фестивалот е исклучително строга и селективна. Според насоките за комисијата, оценувањето на пристигнатите трудови се одвива во три рунди коишто опфаќаат гледање, гласање, дискутирање и наградување на содржините што се влезени во најтесен круг.

Во првата рудна, членовите на жирито ја разгледуваат и ја оценуваат секоја содржина на скала од еден до девет, така што се издвојува една потесна листа од избрани трудови.

Во втората рудна, пак, членовите на жирито дискутираат и одлучуваат кои од избраните трудови заслужуваат да останат само во општата потесна листа, или пак да бидат селектирани во листата на можни победници, или во листа на дефинитивни победници. Вообичаено само 10 отсто од пријавените материјали стигнуваат до оваа фаза.

Само три отсто стигнуваат до награда

Во финалната рунда, што вообичаено ја води претседателот на жирито, членовите дебатираат за пристигнатите трудови, пред да почнат со гласање со кое се одредуваат златен, сребрен или бронзен лав, или, пак само останување во потесен избор. За да се добие награда Лав, потребни се две третини од гласовите на жирито. Само три отсто од пристигнатите трудови се закитуваат со посакуваната награда.

После гласањето резултатите се читаат и жирито ги потврдува одлуките. Кандидатите за наградата Гранд при се бираат од добитниците на наградите Златен лав. Откако ќе бидат дефинирани главните кандидати, следи дискусија, по што доаѓа до последно гласање со кое се одредува кој ќе биде добитник на престижното Гранд при на фестивалот.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме