Festivals

СЕ ИСКАЧИ НА ПОДИУМОТ ВО КАН: Сребрен и бронзен Лав за тимот на дизајнерот Ханџиски

22 јун 2018

Македонскиот дизајнер Дејан Ханџиски се искачи на подимот на најзначајниот фестивал на креативните комуникации и маркетинг, Cannes Lions, што деновиве се одржува во Франција.

Со Сребрен и Бронзен Лав е награден проектот на тимот од германската агенција BBDO од Диселдорф, (BBDO Group Germany, Düsseldorf), а во кој Ханџиски е сениор арт директор. Проектот опфаќа креативна кампања за помош на лицата со Алцхајмерова болест.

Признанијата за тимот на Ханџиски се доделени во категоријата „Industry Craft“, во која се наградуваат уметничкиот и креативен израз во насока на јасно презентирање на одредена идеја или порака.

Тимот од BBDO Берлин креирал плакати во кои се отсликува главниот проблем со кој се соочуваат лицата со Алцхајмерова болест, односно на губење на меморијата и непрепознавање на предметите и луѓето околу себе.

„Како што напредува Алцхајмеровата болест, така меморијата и можноста за препознавање лица засилено слабеат. Релациите со околината речиси и да престануваат, па личноста се изолира од околината. За да ѝ го претставиме на јавноста тоа што го доживуваат овие лица, креиравме серија од непрепознатливи портрети. Низ очите на една личност што страда од Алцхајмерова болест, односите со блиските луѓе се претвораат во нерешлива сложувалка во која меморијата е расцепкана на ситен мозаик“, се вели во објаснувањето за оваа општествено одговорна кампања.

Кампањата е пуштена во јавност во април годинава, а нејзината главна намена е покревање иницијатива за научни и медицински истражувања што би довеле до сознанија за полесно надминување на оваа тешка болест.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме