Festivals

ДОДЕЛЕНИ КАНСКИТЕ ЛАВОВИ: Само еден проект од нашиот регион се закити со награди (фотогалерија)

25 јун 2018

Со Златен и Бронзен лав се закити агенцијата „Њу Момент“ од Белград на годинешното, 65. издание на најпрестижниот фестивал од областа на креативната огласувачка индустрија, Cannes Lions, што минатата недела се одржа во Кан, Франција. Проектот на „Њу Момент“ насловен „The One“ воедно е единствениот од нашиот регион што годинава се закити со признание во Кан.

Фестивалот беше затворен во петокот, со гала церемонија на која беа врачени наградите за најдобрите проекти од областа на креативните индустрии. Тоа што е заедничко за сите наградени проекти е што во нив се истакнува креативност, чија крајна цел е да поттикне движења, навики, постапки што би го промениле светот кон подобро.

Престижниот Титаниумски лав (и Гранд-при) беше доделен за проектот „Palau Pledge“ на австралиската агенција „ Host/Havas“, со кој стотиците илјади туристи што доаѓаат во Палау се обврзани преку посебна виза да дадат ветување дека ќе го чуваат и почитуваат природното богатство и уникатност на малата островска држава во Тихиот Океан.

- Ги освои нашите срца, не само поради позитивната улога за природата, туку и затоа е што е одлична. Ако нашиот труд привлекува внимание и ја префрла идејата од умот кон срцето, тогаш „Palau Pledge“ е неверојатен пример за тоа. Тоа е доста инспиративен труд што зад себе ќе остави трајно наследство - истакна Colleen DeCourcy, претседателка на жирито за категоријата „Titanium Lions“, во која имаше 154 пријавени трудови, од кои пет беа наградени.

Најмногу пријави, 2.158, имаше во категоријата „Film Lions“. На крај се доделени вкупно 74 лавови: десет златни, 20 сребрени и 42 брознени. Во истата категорија се доделени и две Гранд-при награди. Првата е за кампањата „It’s Another Tide Ad; It’s a Tide Ad; It’s Yet Another Tide Ad; It’s Yet Another Tide Ad Again“, што за „Проктер и Гембл“ ја работеше агенцијата „Saatchi & Saatchi“ од Њујорк, САД.

Второто „Гранд-при“ признание отиде за уште една кампања на „Проктер и Гембл“, кампањата „The Talk“ на агенцијата BBDO од Њујорк, САД.

- Овие признанија ја потврдуваат моќта и одговорноста на брендовите да бидат брзи заговорници на промени што ги посакуваме и што ни се потребни во светот. Горди сме што кампања „The Talk“ покрена дијалог, ги отвори срцата и го промени начинот на размислување - истакна Дејмон Џонс, потпретседател за глобални комуникации за P&G.

Масовно беше и во категоријата „Sustainable Development Goals“, каде пред жирито се појавија 898 трудови. Доделени се 29 лавови: Три златни, десет сребрени и 15 бронзени. Признанието Гранд-при и во оваа категорија отиде за кампањата „Palau Pledge“.

Во категоријата „Creative Effectiveness Lions“, пак, имаше 169 прифатени пријави, од кои 18 трудови се закитија со Лав: Две злата, шест сребра и девет брозни. Признанието Гранд-при во оваа категорија годинава отиде за кампањата „Savlon Healthy Hands Chalk Sticks“, на агенцијата „Огилви“ од Мумбаи.

Во престижната категорија „Glass: The Lion for Change“, се натпреваруваа 218 трудови, при што се доделени 11 лавови и тоа два златни, три сребрени и пет бронзени. Гранд-при во оваа категорија отиде за кампањата „Bloodnormal“, на агенцијата AMVBBDO од Лондон, а со која се поттикнува подобра перцепција на месечниот циклус кај жените.

Во рамките на канскиот фестивал, беа доделени и специјални награди. Така, титулата Агенција на годината ја доби „adam&eveDDB“ од Лондон, второто место го зазеде агенцијата AMVBBDO, исто така од Лондон, додека третото место отиде кај BBDO од Њујорк.

Признанието „Мрежа на годината“ отиде кај BBDO Worldwide, второто место го зазеде „Огилви“, а на третата позиција застана DDB Worldwide.

Во категоријата на независни агенции, пак, првото место го освои „Jung von Matt“ од Хамбург, на второто место се позиционира „Дрога5“ од Њујорк, а третата позиција ѝ припадна на  „Wieden + Kennedy“ од Лондон.

Наградата „Palme d'Or“ што се доделува на најнаградуваната продукцијска куќа, годинава замина кај MJZ од САД. Второто место го зазеде „Revolver / Will O'Rourke“ од Австралија, додека третата позиција ѝ припадна на продукцијата „The Corner Shop“ од САД.

Гигантот „Гугл“ е прогласен за најкреативен огласувач на годината, при што на брендот му е доделено признание за поттикнување иновативен маркетинг за своите производи и услуги.

На подиумот во Кан годинава се искачи и македонскиот дизајнер и арт директор Дејан Ханџиски. Тој е дел од тимот на BBDO од Берлин, којшто доби сребрен и бронзен лав за проект посветен на лицата со Алцхајмерова болест.

Листите и претставувањата на трудовите од сите наградени можат да се погледнат на официјалната интернет страница на фестивалот Cannes Lions, како и на следниот линк.

(AdToDate.mk)

Gallery: НАГРАДИ, ПЛАЖИ, ЈАХТИ: Свечена, релаксирана и славеничка атмосфера во Кан




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме