Festivals

ТРАМП КАКО ОГНЕНА ПЕЧУРКА: Карикатури и критика во новата фестивалска галерија во Кан

23 јул 2018

Плакат со прикажана нуклеарна експлозија, чија огнена печурка наликува на фризурата на американскиот претседател Доналд Трамп, е едно од бројните визуелни решенија во кампањи што беа наградени и што влегоа во потесен избор на светски-популарниот фестивал на креативноста што минатиот месец се одржа во Кан, Франција.

Почнувајќи од оваа година, фестивалот отвори дигитална галерија во која се поставени визуелните решенија за сите кампањи што се појавија пред очите на годинешните судии. Во галеријата, која е достапна до секој што ќе се регистрира онлајн, се поставени стотици плакати и куси-видео материјали од кампањите што се најдоа на листата за доделување награди.

Во продолжение пренесуваме дел од кампањите што влегоа во дигиталната галерија и што ги отсликуваат најновите трендови во индустријата на креативните комуникации.

Блoкирај го хаосот

Во новата кампања за слушалките од компанијата „JBL“ се нагласува дека тие можат комотно да ве издвојат од негативното и гласно опкружување со кое се соочувате во текот на секојдневието. На еден од плакатите се прикажани и ликовите на американскиот претседател Доналд Трамп, од една страна, и севернокорејскиот лидер, Кин-јонг Ун, од друга. Агенцијата што стои зад оваа кампања е „Cheil Worldwide - Hong Kong“.

Исклучи се

Телекомуникацискиот оператор „Телефоника“ во Чиле почна необична кампања. Операторот наместо да ги поттикне корисниците на што повеќе користење на мобилните уреди, повика да ги исклучат телефоните и да го уживаат животот без вознемирувања. Агенцијата зад оваа кампања е Prolam Y&R Santiago.

Извини

Шпанската асоцијација на флористи, одгледувачи и дистрибутери на цвеќе и цветни производи, на фестивалот во Кан беше застапена со кампања што повикува на стоп на насилството врз жените.

Пораката од нивната кампања е дека цвеќето не може да се прифати како извинување за извршено сексуално малтретирање врз некоја жена и дека тоа не смее да се простува. Зад кампањата стои агенцијата Y&R од Мадрид.

Огнена глава

Една објава на „Твитер“ напишана од американскиот претседател Доналд Трамп, а во која тој се закани со употреба на нуклеарно оружје кон непријателите на САД, беше доволно алармирачка за светската организација „Гринпис“ да почне кампања против т.н. „огнени“ глави.

Плакатот што е дел од оваа кампања многу потсетува на фризурата на Трамп, иако во описот во фестивалската галерија на Кан никаде не се спомнува дека се работи за тој претседател. Зад оваа кампања стои агенцијата „HJALTELIN STAHL“ од Копенхаген.

Онлајн стратегијата на Адолф

Со цел да покаже колку опасни можат да бидат социјалните мрежи доколку се во погрешни раце, германската невладина организација почна кампања што ја наслови „Онлајн стратегијата на Адолф“.

Прикажан е план на нацистичкиот лидер кој преку социјалните мрежи шири пропаганда и привлекува свои следбеници. За кусо време, бројот на неговите фанови добива милионски димензии. Зад реализацијата на кампањатата стои агенцијата Огилви од Франкфурт.

Во продолжение можете да погледнете дел од визуелните решенија на кампањите што годинава ги отсликаа трендовите во индустријата на креативните комуникации.

(AdToDate.mk)

Gallery: ДИГИТАЛНА ГАЛЕРИЈА НА КАН: Стотици креативни кампањи на едно место




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме