Festivals

ВИКЕНД МЕДИА ФЕСТИВАЛ: Порталите не ги измислија кликбајтовите, телевизиите тоа го прават со години

23 сеп 2018

Во старата фабрика за тутун во Ровињ изминативе денови се одржа еден од позначајните настани поврзани со медиумскиот свет и креативните комуникации, Викенд медиа фестивал.

Фестивалот се одржа по 11. пат, а учествуваа голем број професионалци од областа на дигиталното медиумско работење и новиот маркетинг. Се одржаа и повеќе панел-дискусии на различни теми.

Иднината на класичната „free to air“ телевизија, безбедноста на интернет корисниците, специфичностите во креирањето дигитална содржина, како и значењето на т.н. „storytelling“ беа дел од темите што го одбележаа почетокот на Викенд медиа фестивалот.

Во рамките на панел-дискусијата „Will Netflix Eat The Free TV World“, беше истакнато дека публиката и на Балканот сè повеќе го следи американскиот тренд на гледање телевизија „on demand“. Тоа подразбира дека сè повеќе е присутно гледањето по потреба на веќе креирана содржина, без линеарно следење на програмата што ја продуцираат телевизиските куќи.

Беше истакнато и дека кусите телевизиски пакети, во траење до 12 минути, исто така земаат замав. Причина за тоа е што нивната консумација се случува претежно за време на патување до работа или за време на паузи или училишни одмори и тоа преку мобилни уреди.

Еден од панелите што предизвикаа голем интерес беше „Tell Me a Story“, на кој Пит Радович, креативниот директор на каналот „Си-би-ес“, објасни што значи добра содржина.

- „Make them care“. Раскажете ја приказната така што со луѓето, до кои треба да допрете, ќе создадете емотивна поврзаност, а не сосила да му го натурате својот производ - истакна Радович.

Тој додаде дека на луѓето им е битна блискоста и затоа врвниот „story telling“  е најдобриот начин да се покаже вредноста на еден бренд.

Францускиот специјалист за интернет-безбедност, Eric Léandri, пак, зборуваше за масовниот надзор врз интернет сообраќајот.

- Луѓето, без оглед дали се индивидуи или новинари, веќе не пребаруваат чувствителни термини, на пример како „тероризам“, од страв да не станат сомнителни - истакна Léandri, коосновач на „Qwant“, пребарувач што, како што се тврди, ја почитува приватноста на корисниците.

Преку овој пребарувач, според изнесените податоци, околу 70 милиони корисници месечно пребаруваат по околу 10 милиони термини.

Дел од фестивалот беше и панелот „New World Order - како да се креира содржина за дигиталното време“. Притоа беше истакнато дека онлајн новинарството создаде свои правила и специфичности. Стана збор и за фамозниот „кликбајт“ пристап.

- Мислам дека се претерува со негативниот став околу кликбајтот. Не сакам да бидам апологет, но слични трикови за привлекување внимание, телевизијата и радиото користат веќе со години и никој не им замерува за тоа - истакна Филип Рауниќ, главниот уредник на порталот „Net.hr“.

Во рамките на фестивалот се одржа и натпреварувањето „BalCannes“, на кое агенции од Балканот учествуваа со свои проекти.

Така, според оценките на меѓународното жири, за најдобра агенција беше прогласена „Señor“ од Хрватска. За најдобра кампања, пак, беше избрана The Red Thread“ на белградската „McCann“. Со истата титула, од жирито на огласувачи, се стекна и агенцијата „101“ од Словенија, и тоа со кампањата „The real-life Escape Room“.

Покрај „Señor“ во листата на најдобри пет агенции од регионот се најдоа и „Agencija 101“, „Imago Ogilvy“, „Leo Burnett“ - Белград и „Saatchi & Saatchi“ - Хрватска.

(AdToDate.mk/Извор: Weekendmediafestival)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме