Campaigns

ХИСТЕРИЈА ВО САД ПОРАДИ ЕДНА РЕКЛАМА: Канонада од критики против „Најк“, a се огласи и Трамп (видео)

07 сеп 2018

Како хистерија може да се окaрактеризира начинот на кој американската јавност реагира откако брендот „Најк“ објави ново рекламно видео, а во кое главен протагонист е Колин Каперник, поранешен играч во Националната фудбалска лига во САД (NFL).

Бројни спортски клубови, здруженија, воени ветерани, па дури и политички структури се огласија со негативни коментари кон рекламното видео, а во кое фудбалерот Каперник вели: „Верувај во нешто, и по цена да треба сè да се жртвува“. (Believe in something. Even if it means sacrificing everything. #JustDoIt).

Во канонадата од критики се вклучи и Доналд Трамп, американскиот претседател, кој преку „Твитер“ напиша: „Што ли мислеше Најк“ (What was Nike thinking).

Каперник ѝ е познат на американската јавност како спортистот што клечеше при изведувањето на американската химна и при кревањето на американското знаме, а во знак на протест против полициската бруталност во САД на расно ниво.

Овој негов гест наиде на видна поделеност во јавноста. Додека некои го поддржуваа, голем беше бројот на тие, меѓу кои и претседателот Трамп, што ја критикуваа неговата постапка, зашто со тоа покажал непочитување кон целата нација и кон државата. Како резултат од малиот бунт, Каперник остана и без ангажман во новата сезона на NFL.

Тоа што најмногу му се забележува на „Најк“ е што Каперник е избран како асоцијација за жртвување во новото рекламно видео. Најгласни се воените ветерани, како и роднините и пријателите на тие што загинале во воените интервенции на САД во Ирак и во Авганистан.

Така, се огласи и вдовицата на Крис Кајл, поранешен припадник на американските воени сили во Ирак, во чија чест, во режија на Клинт Иствуд, беше снимен и биографскиот филм „American sniper“.

Вдовицата, Таја Кајл, преку нејзиниот профил на „Фејсбук“ упати јавно прашање до „Најк“ и до Каперник, дали за нив „жртвувањето на сè, значи жртвување на обична кариера во име на добро платен договор“.

Според „Бизнис инсајдер“ веќе се забележал значаен пад на акциите на „Најк“ на кус рок, но има стравувања дека рекламата ќе им нанесе штета и на подолг рок.

Според коментарите во маркетинг светот, пак, „Најк“ сега е пред тешка задача. Брендот годинава слави три децении од познатиот слоган „Just do it“, а последната реклама воопшто не оди во прилог на јубилејот. Неопходна е нова реклама со која кампањата за јубилејното „Just do it“  ќе биде прифатена од јавноста.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме