Digital

ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ ПОДЕЛЕН МЕЃУ МАШИНИ И ЛУЃЕ: Како ќе изгледа невработеноста во иднина

26 јул 2018

Доколку машините навистина ни ја земат работата, тогаш ние ќе треба да ги ревидираме нашите улоги како човечки битија, да изградиме нови вештини и да одлучиме да ги пренасочиме сопствените ангажмани, економски и социјални.

Според предвидувањата на „Forrester“, компанија што врши истражувања на пазарот, до 2025 година 16 проценти од работните позиции во САД што денес ги водат луѓе, ќе бидат заменети со роботи, вештачка интелигенција, машини што учат и автоматизирани процеси.

Според Рохит Талвар, извршен директор во издавачката куќа што се занимава со футуристички анализи „Fast Future“, секторот на сервисни услуги ќе биде првиот што ќе се најде на удар.

- Тоа што станува сосема јасно е дека на национално, претприемачко и индивидуално, ниво, едукацијата и свесноста за ситуацијата се тие што ќе ја одредат нашата способност да преживееме и да се одржиме во светот што бргу се менува - вели Талвар.

Тој воедно предвидува раст на дејностите што „ќе бидат поддршка за нашиот развој и преживување како луѓе, како што се едукацијата и социјалната работа, па сè до сервиси за итни случаи и грижа за старите лица“.

- Веројатно го сведочиме почетокот на крајот на професии што во мигов се од егзистенцијално значење за нас и нашите фамилии, но во исто време тоа води и кон намалување на потребата за работа и зголемување на времето за социјални активности - смета Талвар.

Во Велика Британија, според истражување на компанијата „Streetbees“ посветено на пазарот на вештачка интелигенција, 61% од испитаниците се загрижени дека машините ќе им ги преземат работните места. Две третини, пак, сметаат дека треба да се постават правила со кои на бизнисите ќе им се забранува да ги заменуваат луѓето со роботи.

Но, овие статистики се во судир со други податоци од истражување на истата компанија. Шеесет и шест проценти од луѓето во Велика Британија се согласуваат дека интелигентните машини ќе го подобрат квалитетот на живеењето.

Се чини дека стравувањата поврзани со егзистирањето на работните позиции се единствената пречка за широко „добредојде“ на паметната технологија во работните организации.

Што доколку немаме потреба да работиме

Во Финска веќе се спроведуваат тестирања за просечните месечни примања, а со цел „да се изнајдат начини за адаптирање на системот на социјално осигурување кон промените на пазарот на трудот“. Од јануари 2017 година околу 2000 невработени луѓе, кои се селектирани по случаен избор и се на возраст меѓу 22 и 58 години, почнале да добиваат еднаква месечна сума од 475 фунти (околу 530 евра), без оглед на нивните животни потреби и услови.

Според објаснувањето на финската агенција „Кила“, којашто го реализирала истражувањето, Владата сакала да увиди дали е возможно да се израмнат примањата на граѓаните, а со цел да се зголеми вработеноста.

Репрограмирање на видовите

Според Томас Колстер, основач на „Goodvertising Agency“ од Копенхаген, вели дека подемот на машините е „добредојдена можност за редефинирање на нашата улога како потрошувачи и граѓани“ во општеството. Колстер вели дека човештвото ќе се движи во насока од „потрошувачи на продукти, кон битија што ќе бараат од брендовите да ни овозможат поголеми лични достигнувања“.

Иако звучи како утопија, сепак размислувањата на Колстер укажуваат дека со растот на паметните машини, човештвото си отвора простор за „поголема социјализација“. Воедно тоа е можност трката за материјални добра да се претвори во трка за „развој на човештвото, за општествен напредок, како и за градење на перспективен екосистем“.

Марк Куртис, пак, ко-основач на компанијата за консултантски и дизајнерски услуги, „Фјорд“, верува дека технолошкиот напредок ќе „креира повеќе нови работни места, отколку што ќе затвори“.

Заклучокот Куртис го влече од историски книги: „Иако погоните со внатрешно согорување ги редуцираа работните места на кочијашите, во исто време донесоа потреба за цел нов сет од вештини, кои претходно не можеле ниту да се замислат“.

Куртис посочува дека работната сила треба да се фокусира на социјалните и хуманите интеракции. „Нашата способност за ефикасна соработка, е причината што успеавме да изградиме напредна цивилизација“.

(AdToDate.mk/Извор: The Drum)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме